Hey You, Listen! Документарен филм / Behind the scenes – Welcome to STEFANIJA’s Music World

Во Center – Lounge and Fresh Bar (Широк Сокак 61) на 17.03., покрај промоцијата на новата песна и новиот музички видео запис “Hey You, Listen!” на Стефанија, се презентираше и документарниот филм ( “Hey You, Listen!” /behind the scenes), на тема „Подигнување на свеста кон лицата со попречености и развивање на емпатија“ (со посвета на починатиот најстар брат на Стефанија – Игор Милевски, лице со церебрална парализа (38)) во продукција на Welcome to Stefanija’s Music World.


Идејата е да се пренеси чистата безрезервна љубов на големите и мали таленти, да се разбијат веќе поставените граници од предрасуди со мир. Да се подаде рака на сите кои сакаат да му помогнат на светот, а најпрво да си помогнат себе си.
Учество во спотот заземаат лица со различни попречености (слепи, глуви, со Даунов синдром, церебрална парализа, пречки во развој, аутизам…) од Битола , Скопје и Белград (професионални глуви танчери, Kulturno-umetničko društvo gluvih Beograda “Radivoj Popović”), нивните родители, артистите (танчери, пејачи, изведувачи) и сопствениците на Анастасија Центар, Center – Lounge & Fresh Bar и Welcome to Stefanija’s Music World.

Hey You, Listen! Documentary movie / Behind the scenes – Welcome to STEFANIJA’s Music World

 

„Инспирирана од брат ми Игор, кој имаше Церебрална парализа и на триесет и осум години го напушти овој свет, решив да направам едно дело кое ќе зборува во името на многу луѓе кои сакаат да кажат нешто. Претходно сакав да го снимам него затоа што тој секој ден кога ќе се разбудеше ме поздравуваше со насмевка. Не можеше да зборува, но можеше да се смее. Кога започнав да се грижам за него, после моите студии,  сфатив што значи да се има лице со посебни потреби во самата фамилија. Тоа всушност било моето будење и доколку сум го немала Игор покрај мене, јас можеби немаше ни да бидам на ова ниво на свесност, па да зборувам и на оваа тема.“ – Стефанија ( Welcome to Stefanija’s Music World)

„Цел овој живот од 38 години што поминал со Игор бил голем благослов бидејќи јас го изодев патот на осознавање на еден многу поинаков живот. Бидејќи имам и други две деца Дарко и Стефанија, видов како изгледа животот со нив во еден баланс. Но ако не беше Игор меѓу нас ние нема да бевме толку големи луѓе како што сме денес. Ние осознавме многу голема вистина, а тоа ни помогна во духовната преобразба која ја добивме преку Игор, комуникацијата со него ни беше многу лесна бидејќи ние комунициравме со него преку нашите души. Оваа песна на Стефанија е цел тој живот кој го живееше таа со Игор и неговата порака таа ја пренесува преку песната.“ – Анастасија Зулевска Милевска (Анастасија Центар)

„Како сопственик и дел од  Center –Lounge & Fresh Bar и како дел од целиот овој да речеме проект заедно со Анастасија Центар, Стефанија како музички педагог , Анастасија како креатор и координатор во таа школа Анастасија Центар. Сме едно трио коешто беше предводено  од еден човек кој што премногу значеше и претставуваше за нас. Односно еден човек којшто повеќе го нема, меѓутоа таа насмевка додека го имаше, ни остана врежана во нашите спомени. И таа насмевка е сега во сите тие деца кои што се наоѓаат во Анастасија Центар и во сите тие деца кои што се со попреченост. И таа негова насмевка беше нашата водилка во нашиот досегашен живот.“ – Дарко Милевски (Center – Lounge & Fresh Bar)

 

„За жал во Македонија многу малку се зборува за дијагнозата Achondroplasia , овие деца многу ги има но сепак ги има. Оваа дијагноза резултира со џуџест раст. Ние навикнавме да живееме со она што го имаме, велиме ангелот ни е во куќата, така треба да биди, си го имаме. Тој е светлата точка кај нас во семејството. Ведар, насмеан, расположен секогаш и кога мама е тажна знае да придонеси да ја снема тагата…“  – Вера Попчановска, родител на Никола

„Марија, уште од првата година ми направи шпага и знаев дека има дарба… Благодарение на Стефи стигнавме до Кинотека на Република Македонија…“ – Весна Ѓорѓиевска, родител на Марија

„Нејзиното раѓање беше причина за отворањето на Центарот за  Даунов Синдром,  кој што веќе пет години работи во Македонија. И минатата година со Стефанија се запознавме преку еден проект кој што го организиравме за балетски часови на многу млади членови, луѓе со Даунов синдром, бидејќи ние веруваме дека сите тие треба да научат што е дисциплина, да имаат исправено тело, со гордост и со љубов да гледаат во нашиот свет и да не се срамат од себеси и од тоа како живеат…“ – Ида Мантон

„Теодора ми е дар од Бога. Јас се гордеам, јас сум горда мајка на Теа. Најголемото хоби на Теа е пеењето, значи таа се занимава со пеење и тука доаѓа кај Стефанија, одржува часови. И дома, песната и е нешто најомилено, на мама…“ – Павлина Колевска, родител на Теодора

„Јас сум Теодора Колевска. Учам во Кочо Рацин Заводот. Овде ме запиша мајка ми, по модерен, џез и современ балет. Потоа имаме поп  и џез пеење.“ – Теодора Колевска

“Имав можност да се запознаам со лица со попреченост и никогаш не очекував дека толку ќе ми значи тоа во животот и нивната комуникација. Тоа беше за турнејата на Стефанија, на која и тие беа присутни и играа. Тие беа глувонеми лица и бев многу изненадена колку добро можат да играат и им се восхитував на нивниот талент, и колку беа среќни и колку уживаа додека го правеа тоа.” – Ивана Христовска (Анастасија Центар)

„Работам како продавач. Продавам по кафичите салфетки. Премногу ме прави среќен, исполнета ми е душата. Луѓето во целиот свет да се сакаат и да се шири неизмерна љубов помеѓу сите луѓе.“ – Пеце Ангеловски

 „Јас прв пат кога дојдов тука ги запознав Теа и Сара и дознав дека се со попреченост. Но немаше никаков проблем бидејќи и тие се исти како нас, тие дури имаат и повеќе нешта од нас, имаат повеќе љубов.”-
Емилија Христовска (Анастасија Центар)