Интимен театар ја изненади својата верна публика со нова претстава, која овојпат е целосно посветена на жената.
Најновиот проект „Будење на пролетта“, ги разгледува проблемите на женската популација во нашето општество, како сегрегацијата и етикетирањето на секојдневно ниво, врз различни основи. Во ова време на суров неолиберализам, кога жената има професија и кариера, а плус мора да е добра мајка, домаќинка, сопруга и љубовница, таа се соочува со константната нетрпеливост и нетолерантност од страна на општеството, што не е едуцирано и истренирано, за да го толерира моделот на ЖЕНА – ЛИДЕР. – Нашата претстава со голема доза на хумор и самокритика, ги разгледува проблемите на жените што се борат активно за своите позиции и не потпаѓаат под ничие влијание. Ги разгледуваме нивните проблеми со тежината и нивното активно посетување на часовите по аеробик.
Ги разгледуваме и ситуациите со шефовите мажи во фирмите, што редовно им предизвикуваат непријатни ситуации. Ги анализираме и желбите за екстремни спортови, што создаваат високо ниво на андреналин, како заштитен механизам против светот што не опкружува и на крајот зборуваме за свадбите и за сите подготовки окулу нив. Со огромна доза на хумор анализираме со колку многу предизвици се соочува жената и колку многу очекувања се вперени во неа. А за да биде иронијата поголема, дури и кога е најзаслужна, таа тешко го добива своето признание -вели режисерката на претставата Софија Ристевска.
Интересно е да се напомене дека режисерката на претставата Софија Ристевска првпат глуми во своја претстава за да ја запознае подобро и оваа професија, за во иднина да може уште поумешно и поиновативно да работи со актерите.
Претставата е работена по текстови од Франк Ведекинд и документарни материјали. Драматург е Билјана Крајчевска, а играат Здравко Стојмиров, Стефанија Милевска и Софија Ристевска.
[tribulant_slideshow gallery_id=”27″]
Стефанија Милевска е пејачка, танчерка и актерка, којашто завршила поп и џез пеење во Софија, Бугарија. Нејзините вокални и физички способности, даваат големо богатство и надоградување на нејзиното актерско присуство на сцената. Стефанија беше дел од претставата „Со љубовта шегување нема“, на „Интимен театар“, а ова е нејзина втора соработка со нашата театарска куќа. Стефанија го промовираше и својот прв музички албум „Ретро – Перспектива“ и имаше настапи во живо во речиси сите поголеми градови во државата.
Aктерот Здравко Стојмиров, дипломирал актерска игра во Благоевград, Бугарија и досега учествувал во речиси сите продукции на „Интимен Театар. Работи и во „Битолски“ и „Прилепски театар“, како и во многу проекти на „Мал Драмски театар“ од Битола. Неговиот актерски израз е многу специфичен и се карактеризира со големи трансформации, изразени преку лабораторната работа со телото и гласот. Актерскиот израз на Здравко Стојмиров е многу специфичен.
Режисерката Софија Ристевска дипломирала театарска режија во Софија, Бугарија и досега има режирано над триесет претстави во најразлични театри во државата, во Србија и Бугарија. Нејзиниот „Интимен театар“ постои веќе пет години и во овој независен културен простор, таа се обидува да креира театарски свет заснован врз документарни материјали, најчесто создавани од учесниците во проектот.
[tribulant_slideshow gallery_id=”25″]
„Лишена од храна и начукана со амфетамин? Па тоа е профил на сериски убиец…Си велам!“ (Сибила – Будење на пролетта)
„Апсурдно е да се појавува балерина во боксерска сала…Не е ова сала за балет!“ (Ненси – Будење на пролетта)
„Ако беше маж, ова никогаш немаше да се случи“ (Лејн – Будење на пролетта)
Не ја пропуштајте уникатната претстава “Будење на пролетта”!
Сите информации за дати следете ги онлајн на фејсбук страницата на Интимен театар.
Интимен Театар / ул. Стив Наумов / бр. 35 / Битола / тел. за резервации 078 30 75 69 / билет 150ден.
режија / Софија Ристевска
драматург / Билјана Крајчевска
играат / Здравко Стојмиров / Стефанија Милевска / Софија Ристевска
кореограф / Кире Миладиноски
избор на музика и дизајн на звук / Златко Кузевски
Стилист на фотосесија / Андреј Ѓоргиевски
Шминка / Ксенија Вангеловска
Фризури / Андријана Петровска – LTD Салон
Фотограф / Петар Тасевски
Дизајн на фотографии / Владимир Видановски
Дизајн на рекламен материјал / Даниела Димитровска
***
Франк Ведекинд (1864-1918) е германски писател кој пишувал во времето кога Фројд ја пласира својата теорија за сексуалноста, во почетокот на 20 век. Почнал како новинар и актер, пишувајќи песни и пантомими. Неговата прва драма „Будење на пролетта“ е всушност и негово најпопуларно дело. Голем дел од неговата продукција ја чинат драми во кои главно место зазема светот на нагоните и страстите. Често се повикува и на малограѓанскиот морал и општествени конвенции кои ја опишуваат детално човековата исконска страст и љубов.„Будење на пролетта“ предизвикала многу бурни реакции во тоа време. Ова дело ја критикува сексуално угнетувачката култура на 19 век и дава дава жива драматизација на еротските фантазии. Со оглед на контроверзните теми (пубертет, сексуалнос, силување, злоупотреба на деца, хомосексуалност, самоубиство, абортус), претставата често била забранета или цензурирана. За прв пат е изведена на англиски јазик во 1917 година во Њујорк, пред одбрана публика. Ведекинд има големо значење за развојот на експресионизмот во германската драматургија, а извршил големо влијание на многу писатели во средна Европа.