Започна балканската турнеја на Стефанија со музички перформанс во Битола

На 13.11.2024 во Камарите, пред битолската публика, започна мини балканската турнеја на Музичкиот перформанс на Стефанија – „Девојчето со долгата коса“. Сценска изведба на истоимениот албум во продукција на Welcome to Stefanija’s Music World, кој вклучува и 4 видео записи на песните: „Едно моме“, „Бегаш“, „По патот на светлината“ и „Да раширам крилја“. Албумот беше издаден во 2023та година и е обележан со теми за самооткривање, откривање на животни тајни, верба во Бог, исконска љубов, позитивна енергија и надеж за подобро утре. Костимите ги креираше, модната дизајнерка Анастасија Зулевска.

Перформансот го збогатија гостите: младите танчери на Анастасија Центар – Матеја Стојчевска, Ема Јанкуловска и Елеонора Кулевска; Поетското читање: Јасмина Јошевска, Мери Арсовска, Дана Тембелеска и Гордана Такец, која направи еден осврт за почетокот и создавањето на ова дело, како расказ „Девојчето со двете долги плетенчиња“ во книгата „Го љубам животот“ од група автори, кој беше награден пред точно десет години, во конкуренција на многу познати писатели, телевизиски уредници, новинари.

Расказот понатаму се трансформираше во перформанс во 2017та година, стана музички албум во 2023та година, се реализира во видео записи во 2023та и 2024та, за на крај да се дефинира со мултидисциплинарен музички перформанс кој ќе ги опфати сите форми на уметничкиот израз на Стефанија.

Д-р Гордана Такец (публицист, поет и писател) во нејзината изјава истакна: „Стефанија денеска е некој и нешто, а за денес да бидеш некој и нешто, требало одамна да бидеш некој и нешто. Стефанија е некој и нешто уште во генот свој, од раѓањето, уште во утробата на мајката морала да биде нешто, за да го достигне ова ниво, овој степен на успех, на триумф и убавина што ни ја подари нам вечерва. Сите ние присутни во оваа сала, збогатена со толку убава и прекрасна публика, сме многу среќни, бидејќи ова што вечерва го видовме, овој перформанс, заслужува уште поголеми и славни сцени, уште поголема и побројна, милионска публика, која треба да ја почувствува оваа среќа, затоа што сите заедно како еден пулсираме со нејзина заслуга. За миг почувствував дека се наоѓам во првите редови во публиката на Бродвеј, искрена да бидам. Пред нас вечерва имавме докажан, признат, пејач која што може со својот глас, со својот стас, со својата појава, со сите движења на телото, да освои милионска публика. Гордост е за Битола што ја имаме Стефанија и овој перформанс мислам дека ќе достигне висока кулминација допрва.“

Инспирирана од овој перформанс Гордана Такец, ја создаде песната посветена на Стефанија Милевска Враниќ. Исто така, поетесата Мери Арсовска го создаде делото „Битолското чупе“ со посвета за Стефанија.

Стефанија е кантавторка, дипломирана поп/ џез пејачка, мултидисциплинарен артист и продуцент, магистер по современ танц, која има уникатен уметнички израз и ги презентира, своите дела преку аудиовизуелна перцепција. Нејзините перформанси интегрираат елементи на танц и мода, овој пат и на поезија, со цел, создавајќи темелен приказ на внатрешните емоции што произлегуваат од процесот на себеспознавање, споделување и битосување како уметник на македонското тло.

Дизајн: Анамарија Мишачковска

Фотографии: Јован Илиевски

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *