На 28.05.2025 година, во Народен Театар Битола, се одржа Креативен Ден 2025 – под знакот на Ориентот. Настанот беше отворен со перформансот „Чеиз / Едно моме“ на Стефанија, танчерките од Анастасија Центар и уметницата Бојана Артиновска, каде со боја, танц, музика и пред се почит, се исплети женската меморија за љубов, труд и тишина вткаени во македонската традиција. Секоја нишка носи зборови што не се изговорени, туку вткаени од жените, пренесувани низ генерации од баби, мајки и ќерки. Секој бод, секој мотив на везот носи порака – за плодност, за среќа, за заедништво. Чеизот е наследство, духовна сила и културна меморија која се пренесува низ генерации.



Уметницата Бојана Артиновска, преку современ перформанс заедно со танчерите на Анастасија Центар, со својата четка, ја оживува оваа женска приказна – создадена пред огниште, со песна, ткаење и љубов.






Преку вокалната изведба на Стефанија, делото проговори за жената како чуварка на домот, идентитетот и историјата, но и како тивка уметница што во секое парче ткаенина ја вплетува својата душа. Песната „Едно моме“ е музичка врска на генерациите, помеѓу корените и модерното време.



Елекот и футата се креација на Анастасија Зулевска, кои потоа беа целосно насликани од Бојана Артиновска. Музиката на „Чеиз“ е дело на Амон дур студио, Игор Темелковски. Танчери учесници од Анастасија Центар: Матеја, Уна, Тамара, Ема, Јована, Невена. Кореографија потпишува Стефанија Милевска Враниќ.
Се создаде миг каде што традицијата проговори: Чеизот останува жив – во секоја жена што твори од љубов.


„Уметност што дише со мода – момент за паметење од Креативен Ден 2025
Оваа година, Креативен Ден доби уште една уметничка димензија. Во еден исклучителен момент, сцената стана живо платно, каде се преплетоа музиката, движењето и сликарството, низ призма што ја слави женската енергија, стилот и индивидуалноста. На сцената настапи Стефанија Милевска Враниќ– уметница со глас и емоција што продира. Заедно со неа, младите танчерки од Анастасија Центар ѝ дадоа тело на музиката – динамика, ритам, нежност и сила. И токму во тој миг, сликарката Бојана Артиновска создаваше дело во живо – платно инспирирано од движењето, музиката, модата и женственоста. Одлучивме да ги поканиме затоа што тие се жени што ја живеат уметноста, и ја внесуваат модата, текстилот, облекувањето – како симболика, боја, текстура и порака – во сè што создаваат. Тие го разубавија настанот, но и нè потсетија: дека модата е повеќе од облека, таа е искажување, движење, глас, став. Благодарност до Стефанија, Анастасија Центар и уметницата Бојана – за овој неповторлив момент што ќе остане врежан во сеќавањата на сите присутни. “ – Изјава на организаторката Весна Божиловиќ, чија продукција прослави 20 години постоење.
На овогодинешниот четврти Креативен Ден, имаше синергија на генерации, вкусови и стилови. Секој тим со своја уникатна приказна, составена од дизајнер – ментор, ученик – талент во подем и една вистинска дама, за која креацијата беше создадена – според нејзиниот сензибилитет, стил и дух.
Фотографии – Ивона Кочов