Летната џез фузија Stefanijazz Project, за раздвижување и будење на сите сетила, со жуборот на Драгорот, се одржа во рамките на Бит фест 2026 во кафе Тигре (старата Трикотажа Пелистер). На концертот учествуваа: Стефанија Милевска Враниќ – вокал, Билјана Трајковска – вокал и пратечки вокали, Владимир Враниќ – гитара, Владимир Николиќ – труба, Ристо Крстевски – клавијатура, Зоки Паркет – контрабас и бас, Павел Талевски – тапани.
Стефанија Милевска Враниќ или само Стефанија е добро познато име како на битолската, така и на регионалната музичка сцена. Нејзиниот музички стил е рефлексија на нејзините артистички и животни погледи и афинитети умесно спакуван музички колорит од стилови, во кој џезот провејува на еден лесен и спонтан начин. Секоја од нејзините авторски песни е приказна за себе, носи живот, порака, надвор од секое клише. Можеби затоа публиката пријатно се чуствува на нејзините концерти, прифаќајќи ги песните како свои. Синоќа во чудесниот амбиент во предворјето на старата фабрика „Трикотажа“, каде се наоѓа и новото култно место на битолчани кафе „Тигре“, Стефанија ни подари уште една вечер за паметење.
Неодамна таа токму во ова место ја промовираше новата песна и новиот видеозапис „Нема да молчам“.
Фото:Ивона Кочов






















