Музичка магија на Стефанија во Сараево, Белград и Скопје: Три града, една душа

Музичкиот перформанс „Девојчето со долгата коса“ на Стефанија периодов е на Балканска турнеја, по повод промоција на истоимениот македонски албум, обележан со теми за самооткривање, откривање на животни тајни, верба, исконска љубов, позитивна енергија и надеж за подобро утре. Во секој град се вклучуваат гости уметници од областа на музиката, танцот, модата и литературата. Целта е да се направи кохезија на културите, создавајќи темелен приказ на внатрешните емоции што произлегуваат од процесот на себеспознавање, споделување и битосување како уметници на балканското тло. Стефанија како кантавторка, дипломирана поп/ џез пејачка, мултидисциплинарен артист, има уникатен уметнички израз и ги презентира, своите дела преку аудиовизуелна перцепција.

Во Сараево, музичкиот перформанс се одржа на 2ри декември во Ex-Yu Rock Центарот, кој се наоѓа во Дом на млади во Скендерија. Звуците на Стефанија се претворија во уметничка симфонија која ги пленеше сетилата. Зулејха Кечо Капижиќ, која е професинална балерина во Сараевскиот Народен Театар, талентираната танчерка Асја Чамџиќ и младата Џула Нухиќ, со елеганција на танцови движења го исполнија просторот. Срџан Секулиќ го впечати времето со своето поетско читање, со теми за животот во Сараево. Публиката беше воодушевена и преполна со емоции, кои ги понесоа со себе како траен печат од овој незаборавен настан. Фото: Тин Пожарник

На овој перформанс претходеа перформансите кои се одржаа на 20.11.2024 во Белград и на 17.11.2024 во Скопје.

Во Културниот Центар „Магацин“ во Белград, музичкиот перформанс на Стефанија доби сосема поинаква димензија со модната ревија „Танке нити“ на Снежана Црноглавац Тијосављевиќ изработена од природна волна и свила. Перформансот беше збогатен со танцовите движења на Олга Узикаева, која ја играше улогата на Девојчето со долгата коса. Стефан Тијосављевиќ со свите стихови ја пренесе неговата вистина и создаде бура од емоции. Медитативна бајка во која беше пренесена природата дирекно на сцена. Фото:Александар Пешиќ

Во Скопје, музичкиот перформанс, се одржа во Културниот Центар – Лабораториум. Збогатен со танцот на Никита Крстевска која го танцуваше детето во секој од нас и Ема Величковска, влевајќи емоции во секое движење, како поезија која не се изговара, туку се преживува. Додека поетското читање на Јасмина Јошевска, Сузана В. Спасовска и Горазд Китановски – Кени, со своите внимателно избрани стихови, создаде магичен простор, каде зборовите се споија со звуците и движењата, создавајќи хармонија која ќе остане втисната во памтењето на присутните.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *