Фондацијата “Такец” додели награда на СТЕФАНИЈА за настан на годината и прва награда за есеј

Фондацијата “Такец”, по повод 93 години од раѓањето на Димитар Димитровски – Такец, во Центарот за Култура Битола, на 17.10.2015г. одржа настан на кој свечено беа доделени награди. Стефанија доби признание-награда за “Настан на годината” за перформансот “Сила на слободата и Fly Project II” кој беше реализиран на Битфест 2015 година и Прва награда за есеј “Девојчето со двете долги плетенчиња” за конкурсот на тема “Го љубам животот”, за кој е издадена публикацијата “Го љубам животот” од Група автори.

IMG_9826    IMG_9838   IMG_9871  IMG_9872   IMG_9873

 

ДЕВОЈЧЕТО СО ДВЕТЕ ДОЛГИ ПЛЕТЕНЧИЊА

Секогаш кога ќе дојдеше на местото наречено “мир”, го доживуваше истото чувство на спокој и среќа, девојчето со двете долги плетенчиња. Знаеше длабоко во себе дека не само местото ја прави да се чувствува посебно исполнета со надеж за подобро утре. Во воздухот струеше топлина и желба за откривање на најголемите тајни на човештвото, толку изразена што пеперутките заминуваа во неповрат откако ќе прелетаа преку нејзиниот поглед. Причина за тоа беа нејзините силно изразени мисли, кои беа доволно моќни за природата да го почувствува тоа вибрирање и треперење. Таа издиша силно и повторно вдиша, но овојпат подлабоко, за да може кислородот да навлезе длабоко во секоја клетка и да донесе информација за целото нејзино постоење. Седна на каменот кој си го беше крстила Душан, затоа што бил добар и ја слушал. Кога ја крена главата, пејзажот се рашири пред нејзините очи небаре со нетрпение ја чекаше да и раскаже за сѐ што досега пропуштила патувајќи низ времето, затоа што просторот во кој се наоѓала ги навести и оствари сите предуслови на постоењето. Се насмевна и го разгледа со најголем интерес, небаре за него патувала толку долго.

Таа разговараше со сѐ што беше околу неа и е дел од природата, но најмногу со самата себе. Понекогаш знаеше и да ѝ се обрати на својата мисла:

– Еј ти, мисло моја, знаеш некогаш вистински да одлеташ во насока недоволно позната, но знам, тоа е провокација за запознавање на неодговореното. Толку упорно длабиш и проникнуваш длабоко во суштината на најсуштинските проблеми на денешницата. Чудесно си неуморна и затоа си наградувана со одговори кои се зачувани длабоко, затворени со повеќе катанци, катанци на мојата душа. За некој да ги отвори потребен е клучот на вистината! … Хахах .. за да стигнеш до тој клуч, знај ќе треба побрзо да истрчаш од бездната наречена “живот“ и да ги побараш и откриеш мистериозните твои тајни, па среќно да ги рашириш крилјата кои се згрижени кај твојот анѓел чувар! Но, да! Знам не ти е лесно да го направиш тој чекор, чекор наречен СИЛА, водена кон подобар и вистински живот! Затоа ти препорачувам доколку немаш таква способност, оди потрчај по ливадата и врати се во твојата бездна, за утре, кога повторно ќе продре сонцето да те потсети на надежта која треба да те донесе кај мене. Затоа ти, мисло, подобро седи си кај мене. Твоите забрзани чекори неможе секој да ги слушне, затоа што глуви се сите околу мене и пополека бавно го губат својот вид, немајќи сили ни да прозборат! Скроти се мисло, опасно е таму за каде што си тргнала, можеш да наидеш на мир и љубов, но кој ти ја дава таа гаранција, имаш големо искуство и ти е докажано спротивното. Еј ти, мисло… Стој! Знам што сакаш да ми кажеш, но нема да дозволам тоа што си го видела и чула да ме попречи. Јас знам дека можам! Јас знам дека знам, јас верувам , јас постојам! Јас сум сигурна дека мене вистината ме вика, како разитана птица тргнав по неа, нема ветер што ќе ме попречи, нема човек што ќе ме спречи, затоа што знам колку сакам и трагам по она што можам да го почувствувам и интуитивно да го осетам. Јас знам дека ТОА е она што е и ВИСТИНАТА!

Тука беше прекината од неколкуте коњчиња, кои се појавија како дел од пејзажот. Тие беа во потрага на храна, а таа ги претвори во своја верна публика, раскажувајќи им за нејзината Битола, со надеж дека тоа што го чуле со нетрпение ќе го пренесат на нејзините сограѓани. Девојчето со двете долги плетенчиња, стана од каменот Душан, завзеде сериозен став за да раскажува. Од нејзината десна страна, наѕираа битолските куќи, недалеку од ливадите каде што се наоѓаше…

– Илјада деветстотини и … генерали, офицери… синтеза на палета и тврдина… Ја слушам таа мелодија… Колку подолго стојам тука, го осеќам духот на тоа време… конзули, балови. Да! Јас бев таму, тукушто доаѓам од таму. Танцуваа, свиреа, пееја… И не само тоа, таму ги видов… Ако започнам да набројувам ќе излетаат толку историски имиња од мојава уста што… Таму ја сретнав мојата баба, мојот дедо, нашите предци. Најдобро е да мечтаам. Се ежам само што ќе се сетам. Колку е убаво… Сето ова е наше, мое, твое – наше, БИТОЛА! … Многу ми е топло, осеќам дека не е до времето, топло ми е тука, во градиве. Видете (посочува кон Битола), паркот е ист, чудно е убав, но чудно, некоја птица е нова, и не само тоа, секоја мисла е нова… ЈАС  сакам да творам, сакам да отворам пат, дали е нов или е пред нас напишан, ниту  паднатите лисја во паркот неможат да ни кажат. Којзнае како им е нив… и најдобриот човек ги гази. Но, свикнале, дури ги чекаат и вљубените да зачекорат на нив. Можеби тоа е начин на примање љубов?

– Се решив за љубов. Верувам во љубов, затоа што сите сетила ме натераа да и верувам. Верувам во љубов! И ако повторам уште неколку пати ќе ја натерам мислата да поверува. Мислата велат била побрза и од светлината, а надежта ми е зависна од таа светлина. Ја замолив светлината да ми ја осветли оваа луда глава и посакав да летам! Еј! Птицо! Слетај до мене, за јас да одлетам  и да го оставам срцето скроб на невљубените, затоа што имаат потреба од тоа. Сакам да отидам некаде далеку, подалеку отколку што гледам и чувствувам. Затоа пуштете ја вашата душа да одлета, бидете среќни, сакајте, верувајте, затоа што – ништо не е случајно!

Понесена од силината на својата мисла, разбираше колку многу ја сака слободата. Ги рашири рацете, ги погледна ѕвездите и им се заблагодари што и го осветлија животот и проникнуваа како надеж во секој мрачен момент, создаден од страв од непознатото. Кога мислеше за Слобода, мислеше на духовна Слобода и Слобода низ ВИСОК МОРАЛ. Благодарно се обраќаше на сѐ околу себе и зрачеше среќа, потребна за да добие смисла самиот живот. Се спушти по ливадата, со чекори поголеми од секое можно материјално човечко достигнување, множејќи го со нула, и даде смисла на вистинската среќа, чувствувајќи ја слободата!  Заносно, мудро и заитано се упати кон својата родна Битола, девојчето со двете долги плетенчиња…

 

 

 

Линкови од “Сила на слободата” и “Fly Project II” :

[iframe id=”https://www.youtube.com/embed/lzg0rDe9QrI”]

 

[iframe id=”https://www.youtube.com/embed/i2wufzh2-zk”]

 

[iframe id=”https://www.youtube.com/embed/5TyAMl56VPk”]

 

 

 

СТЕФАНИЈА

 

 

 

 

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *