Музички концерт „Stefanijazz“, по повод 10 години музичка продукција Welcome to Stefanija’s Music World
Вчера вечер, сцената на Нова сцена во Центарот за култура Битола беше исполнета со искреност, емоција и звук што допира до срцето. Во рамките на културниот фестивал Битфест, се одржа јубилејниот концерт на Стефанија Милевска – Враниќ, со кој таа одбележа децениско музичко патување исполнето со посветеност, креативност и љубов кон музиката.



Стефанија, дипломирана поп-џез пејачка со препознатлив глас и оригинален стил, публиката ја поведе низ својата интимна и интензивна музичка приказна. Нејзините зборови на почетокот од концертот беа лични, инспиративни и полни со надеж:
„Решив од денес натаму да споделувам само среќа… со верба во Бог кој ми е единствена водилка, она што го чувствувам – ќе го споделувам во секоја можна прилика.“
Концертот беше вистинска музичка фузија – од современи џез, џез-рок и босанова аранжмани, до безвременски џез стандарди, со звуци кои ги спојуваат класичното со модерното, енергичното со нежното. Настапот носеше автентичен стил и искреност која ретко се среќава.



Покрај Стефанија – вокал, на сцената настапија и:
Билјана Трајковска – вокал и пратечки вокали
Владимир Враниќ – гитара
Владимир Николиќ / Dadoni – труба
Ристо Крстевски – клавијатура
Зоки Паркет – контрабас и бас
Павел Талевски – тапани



Публиката уживаше во изведбите на авторските песни на Стефанија:
„Едно моме“, „Безнадежен“, „The moment is now“, „По патот на светлината“, „Бегаш“, „Да раширам крилја“, „После дождот доаѓа сонце“, „Нешто“, која беше изведена во дует со Владимир, „Hey you listen“ и „Малку љубов“, како и во интерпретации на безвременски класици како „At Last“ и „Summertime“, која што беше изведена во дует со Билјана.



Сценографијата и шминката ги потпиша Бојана Артиновска, костимите ги дизајнираше Анастасија Зулевска, фризурите ги создаде Андријана Петровска, а фотографиите ги овековечи Ивона Кочов.



Секоја нота, секоја изведба, секој поглед од сцената зборуваше за едно – музиката како вистина, како начин на живот, како љубов. По концертот, уживањето продолжи со коктел организиран од Tomato & Friends, кои приредија вистинско гастро-искуство со свежа, жива храна.

Проектот е поддржан од Министерство за култура и туризам на Македонија и Општина Битола.